Заев-Меркел: Референдумот е одраз на определбата за иднината

Премиерот Зоран Заев и германската канцеларка Ангела Меркел.

Канцеларката Ангела Меркел во денешниот телефонски разговор со премиерот Зоран Заев ја потврдила поддршката на Германија за постигнатиот Договор меѓу Македонија и Грција. Воедно дала поддршка и на напорите на Владата за зајакнување на европските и атланските перспективи на државата.

Како што соопшти владината прес-служба, соговорниците заклучиле дека референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата.

Премиерот Заев ја информирал Меркел за текот на подготовките за претстојниот референдум и посочил дека Владата е силно посветена на организирањето фер, демократски и транспарентни услови за реализација на демократското изјаснување на граѓаните.

Премиерот истакнал и дека Владата активно продолжува со реформиските напори во насока на исполнување на условите од заклучоците на Европскиот совет од јуни годинава, особено во делот на владеењето на правото, борбата против корупцијата и криминалот и реформите во јавната администрација и разузнавачките служби.