Рускоска: Игор Југ имал задача физичко да го елиминира Заев

Почеток на судeњето за насилствата во Собранието на 27 април 2017

По претпладневните процедурални обиди на одбраната за одложување на расправата во предметот за насилството во Собранието од 27 април минатата година, во попладневниот дел обвинителката Вилма Рускоска даде детална хронологија на настаните во Собранието. Според обвинителниот акт, се почнало кога Благоја Василевски, телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во 14.39 часот од Виена телефонски му се јавил на својот брат Александар Василевски-Нинџа, а разговарале „за здравјето на нивната мајка“. По овој разговор, Рускоска посочи, се организирала мрежата од насилници за упадот во Собранието. Нинџа и неговиот другар Никола Митревски-Кољо во ресторанот „Дион“ собрале група од 68 лица, на кои им поделиле фантомки и задачи. Оваа група со помош на пратениците, кои им ги отвориле вратите од Собранието, успеале да влезат и притоа од пратениците добиле насоки каде да се движат.

Според обвинението, актерот Владо Јовановски и оперскиот пејач Игор Дурловски со свои говори дополнително ја разгореле толпата која во голем дел влегла во Собранието.

Обвинителката Рускоска раскажа и како толпата се движела и кој се им помогнал да дојдат до прес-центарот каде се пресметаа со пратениците од парламентарното мнозинство. Притоа беше кажано и дека полицијата ништо не презела да ги спречи насилниците.

Обвинителката објасни и дека дел од обвинетите во прес-салата ги координирале останатите за физички да се пресметуваат со мнозинството. Таа истакна дека Игор Југ имал задача физичко да го елиминирал Заев што, според неа, ќе се докажело со изјави на сведоците.

Обвинителката нагласи дека постапката ќе докаже дека обвинението има за цел да се спроведе Законот.

Судењето продолжува утре.