Владата направи измени на проектната документација за изградба на гасоводот низ Парк шумата Водно, со што е намалена количината на дрвја што треба да бидат исечени и широчината на трасата од 25 на 10 метри, а нејзината должина низ Парк шумата Водно е скратена за четири километри, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески на денешната прес-конференција.
Сугарески вели дека Владата и Град Скопје издвоиле средства за пошумување на Водно и оти гарантираат дека тоа ќе се случи.
„Мислам дека сме направиле се за да продолжи изградбата на гасоводот на Водно. Невладините организации беа комплетно инволвирани во овој процес, со нив беше разговарано и комуницирано четири-пет месеци“, рече Сугарески. Тој додаде дека гасоводот е стратешки приоритет и дека „евентуалната мала штета двојно ќе ја надоемстиме“, рече Сугарески.
Заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули истакна дека гасификацијата ќе значи за 31 отсто намалување на загадувањето во Градот Скопје, а скопскиот градоначалник Петре Шилегов изјави дека обезбедил Градот да добие 43 милиони денари од МЕР за пошумување на Водно.
Граѓанските организации се противат на зиградба на гасовод низ Водно, велејќи дека на парк шумата и се заканува уништување од изградбата на гасовод низ значајни подрачја богати со биодиверзитет. Тие минатиов викенд организираа протест и порачаа дека битката за скопската планина сè уште не е изгубена.