СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ се скараа за состојбите во земјоделството

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски обвини дека земјоделството е во надолна линија, а земјоделците се на работ на егзистенцијата. Мицкоски цитираше податоци од Државниот завод за статистика, според кој во второто тромесечје од 2018, откупот и продажбата на земјоделските производи се намалени за 4.4% во однос на истиот период лани, додека истовремено, потрошените средства во земјоделството во јули пораснале за 9,6%.

Во партиската реакција од СДСМ се вели дека Мицкоски изнесува лаги и измислици и оти треба да покаже минимум сериозност и јавно да го соопшти својот и ставот на неговата партија за референдумот.

"Ниту една лага на Мицкоски нема да го сокрие фактот дека неговата ВМРО-ДПМНЕ остави пустош во во македонското земјоделство, со години не исплќаше субвенции и постојано манипулираше со земјоделците. За разлика од таквиот потценувачки однос на ВМРО-ДПМНЕ, владата на СДСМ вложува силно во земјоделството и воведува нови политики што го развиваат земјоделството и го унапредуваат животниот стандард на земјоделците," се вели во реакцијата од владејачката партија.