Во текот на пристапните разговори, Република Македонија ќе треба да потврди дека целосно ги прифаќа одредбите од основачкиот договор на НАТО и сите политички и правни стандарди на Алијансата, и да потврди дека го прифаќа процесот на одбранбено планирање на НАТО и врската со воените структури, соопштија од Владата на РМ појаснуваќи ги условите кои Македонија треба да ги исполни во наредниод период.
„Република Македонија ќе треба да декларира посветеност и спремност дека ќе се придржува на политичките стандарди на НАТО, на одбранбените и воени прашања, дека ќе одвои доволно средства за имплементација на сите обврски, дека целосно ќе учествува во структурите на Алијансата и други прашања поврзани со безбедноста. Ќе треба да изрази спремност дека ќе пристапи кон сите формални договори кои се дел од корпусот на меѓународни договори, протоколи и правила на НАТО“, се вели во соопштението на Владата.
Паралелно со пристапните разговори, Македонија треба да изработи програма за продолжување на реформите. Од Владата информираат дека во јануари 2019 ќе биде потпишан протоколот за членство во НАТО и нашата држава ќе почне да учествува во НАТО структурите - но без право на глас. По потпишувањето на протоколот за членство започнува ратификацијата во сите 29 парламенти на земјите членки. Ратификацијата трае околу една година, по што ќе станеме полноправна членка на НАТО, појаснуваат од Владата.