Mинистерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска информираше дека Министерството за одбрана ќе стави на располагање нешто помалку од 60 милиони денари за кампањата за претстојниот референдум за договорот меѓу Македонија и Грција.
„Министерството за одбрана е едно од тие кои најмногу треба да биде заинтересирано за нашиот стратешки приоритет и од нашиот сектор за финансии испративме информација дека на располагање ставаме нешто помалку од 60 милиони денари, кои беа планирани за слични активности, но кои сметаме дека е подобро да ги искористи Собранието, а не ние поединечно“, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање, на Отворениот ден на АРМ за граѓаните по повод Денот на Армијата на Република Македонија - 18 Август.
Министерката истакна дека на следната владина седница и официјално ќе се одреди сумата која ќе се оддели за кампањата за претстојниот референдум.