Во присуство на државниот и армискиот врв и претставници на дипломатскиот кор денеска пред Министерството за одбрана ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август - Денот на Армијата на Република Македонија. Свои обраќања ќе имаат претседателот на државата и врховен командат на вооружените сили Ѓорге Иванов и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Претседателот со Орден за воени заслуги ќе ги одликува првиот механизиран пешадиски баталјон од првата механизирана пешадиска бригада и баталјонот за врски, а ќе бидат прочитани и наредби за унапредување на старешини во највисоки офицерски чинови, ќе бидат врачени плакети, значки, благодарници за соработници и организации со кои соработуваат МО и АРМ.
На градските гробишта во Бутел во Скопје изутринава повеќе делегации со воени почести ќе положат венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски.
Почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од артилериски орудија ќе се изврши вечер во 19 часот во касарната „Илинден“ од страна на единица на артилерискиот баталјон на АРМ, по повод Денот на Армијата. Претходно, во периодот од 15 до 18 часот ќе се изврши пробна артилериска стрелба со еден истрел од шест артилериски орудија.