Во Кривичниот суд заврши денешното рочиште на кое беа слушани „бомбите“ за предметот „Титаник“ на Специјалното јавно обвинителство во кој се обвинети неколку поранешни функционери за изборите во 2012 година.
Во дел од „бомбите“ беа слушнати разговори меѓу поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски во кои разговараат како да се анимираат гласачите за изборите што се одржаа во 2012 година.
По барање на Специјалното јавно обвинителство, седум од вкупно 1.063 -те „бомби“ ќе бидат слушани без присуство на јавноста бидејќи во нив има приватни разговори.
Одбраната денеска бараше „бомбите“ воопшто да не бидат пуштени и ги оспори како валиден доказ.
Aдвокатот Еленко Миланов по завршувањето на денешното рочиште прашан како ќе реагира на одлуката на судијата Осман Шабани, предметот да се разгледува до 18 часот, рече дека законот само го одредува местото каде ќе се одржи судењето, но не и времето.
“Мислам дека ваквото работно време нема да продолжи затоа што ако Судот одлучува за неговото работно време треба да размислува и за нашето работно време, бидејќи и ние имаме работно време коешто е ограничено со Адвокатската комора и другите институции. Не верувам, а особено не во ситуација која една од обвинетите е на трудничко боледување, дека ќе продолжи таквото работно време”, рече Миланов додавајќи декадржењето на доилката подолго од два до три часа на ден е проблематично и по здравјето на детето и по неговиот развој.
За предметот „Титаник“, од страна на СЈО поднесени се 5.910 материјални докази и предложени 191 сведок. Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.