Шекеринска: Македонија има што да им понуди на сојузниците

Архива: припадници на македонската и американската армија на зедничка воена вежба на Криволак.

Македонија не очекува само да стане земја членка на НАТО и да ги користи придобивките на членството, туку таа е држава која има што да им понуди на сојузниците, а воениот полигон Криволак е типичен пример за тоа, изјави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска за време на посета на обука на американските копнени сили на САД на Криволак, кои од 1 до 20 август одржуваат вежби.

Шекеринска рече дека во изминатиот период е инвестирано во капацитетите на Криволак и нивно сертифицирање, истакнувајќи дека е задоволство да се слушне за високите оценки и капацитети на полигонот Криволак кој Македонија го понуди за вежби на силите на САД.

Таа најави поголема искористеност на полигонот од страна на македонската војска и нејзините сојузници и со тоа, како што рече, се зголемуваат шансите Македонија да стане членка на НАТО. Таа исто така ги повика македонските граѓани да ја искористат шансата да ја интегрираат државата во НАТО и ЕУ.