Владата на денешната седница го разреши директорот на Бирото за јавна безбедност Лазо Велковски по барање на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Се уште не се знае кој ќе биде негов наследник, но до негово назначување, функцијата ќе ја извршува досегашниот заменик на Велковски, Бесир Деари. Спасовски до Владата поднесе предлог за разрешување на Велковски поради употребата на службеното возило „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ за приватно патување на неговата ќерка во Грција.
Возилото било пратено во Грција со налог потпишан од Велковски, a управувано од полициски службеник, вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти. Според МВР, Велковски во својот исказ потенцирал дека ангажирањето на службеното возило го направил од крајна нужност, поради закани кон него и неговото семејство и проценил оти е небезбедно неговата ќерка да патува сама и затоа го ангажирал членот на своето обезбедување.
Но, во случајот, како што се наведоа од министерството, целосно не била спроведена процедурата за службено патување и покрај налогот за патување, не е потпишано решение за службено патување.