Турците страхуваат од натамошен пад на лирата

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Падот на турската лира влијае врз животот на Турците

Падот на вредноста на турската лира што произлезе главно поради спорот меѓу Турција и Соединетите држави веќе почна да влијае врз животот на турските граѓани. Турската лира деновиве доживеа рекордно ниско ниво.

Многу турски граѓани се загрижени од падот на лирата, бидејќи нејзиното губење на вредноста во однос на американскиот долар има директно влијание врз нивниот секојдневен живот.

„Верувам дека тоа ќе влијае многу лошо врз нашиот животен стил. Верувам дека цените ќе одат нагоре, вклучувајќи ја и детската облека, киријата и скоро сите производи што ги купуваме. Ова е многу тажно за нас“, вели Сезен од Истанбул.

Деловните луѓе кои увезуваат стоки во странска валута се меѓу најтешко погодените. Еден од нив е Ујгар, кој има продавница за опрема за нуркање.

„Работевме со акции, ги купивме нашите производи во американски долари, но не ги етикетираме во долари, бидејќи живееме во Турција и продаваме во турски лири. Затоа сме погодени толку лошо, а нашите цени стануваат застарени“.

Со исто искуство се соочува и еден сопственик на продавница на злато во Истанбул.

„Заедно со зголемувањето на цените на американскиот долар, цените на златото и дијамантите, исто така, се зголемија, што негативно влијаеше врз нас, а купувачите помалку купуваат. Минатата година златото изнесуваше од 150.000 до 160.000 лири за килограм, а сега е 250.000 лири за килограм Кога ќе додадете зголемени трошоци за изнајмување, ова природно влијае врз нас негативно“.

Најновиот турско американски спор се случи поради одбивањето на Турција да го ослободи американскиот пастор Ендру Брансон, кој е обвинет за шпионажа и тероризам во Турција.

Затоа американскиот претседател Доналд Трамп објави дека земјата ќе ги удвои тарифите за увоз на челик и алуминиум од Турција.

Многу Турци сепак се надеваат дека двата НАТО сојузника наскоро ќе можат да го решат својот спор. Еден од нив е и Чем.

„Негативниот тренд во турско-американските односи лошо влијае врз турската економија. Всушност, Турција е многу навикната на вакви кризи. Таа претходно се опорави брзо, но сега, за да се опорави брзо, верувам дека турската и американската страна треба да преземат повеќе дипломатски и позитивни чекори“.

Во понеделникот турската централна банка објави дека ќе им обезбеди на сите банки ликвидност, а претседателот Ердоган кој ги повика турските граѓани да ги разменат своите долари за поддршка на оваа, како што рече, „национална борба“ изрази уверување дека девизниот курс ќе се врати на разумно ниво.