Заев - Ахмети: Референдумот е клучен за иднината на земјата

Архива: Заедничка фотографија на лидерите на СДСМ, Зоран Заев и на ДУИ Али Ахмети.

Во рамки на денешното одбележување на 17 години од потпишувањето на рамковниот договор, на панелот „Патот до Брисел преку Охрид“ присуствуваа претставници на Владата, Собранието и дипломатски кор кои истакнаа дека договорот е пример за решавање на конфликти во регионот и пошироко.

Премиерот Зоран Заев рече дека Охридскиот рамковен договор е гарант дека насилството нема да биде механизам за постигнување на политички или било какви други цели и оти претставува основа за изградба на соживот меѓу етничките заедници кои живеат во земјава.

„Како што пред 17 години храброста на граѓаните, но и нашите политичари ја извлекоа Македонија од криза, нас сега ни се дава можност да бидеме храбри, да донесеме вистинска одлука за да ја обезбедиме нашата иднина, иднината на нашите деца. Знам дека на 30 септември обединети ќе зачекориме со крената глава кон светлата иднина на Македонија. Сигурен сум и цврсто верувам дека ќе избереме европска Македонија“, порача Заев.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети напомена оти НАТО одиграл голема улога во спречувањето на натамошното проширување на конфликтот во Македонија во 2001. Ахмети нагласи дека граѓаните треба да бидат свесни дека успешниот референдум е всушност нивни успех, истакнувајќи оти решавањето на спорот со Грција и претстојниот референдум е точка која треба да обединува во настојувањето на земјата да стане членка во ЕУ и НАТО.