ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Филипче, СДСМ вели дека работат отчетно

Министерот за здравство Венко Филипче

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од министерот за здравство Венко Филипче за набавките во Клиниката за хематологија. Тие обвинија дека директорката на клиниката, Ирина Пановска Ставридис, која е поставена од Филипче, со три тендери вредни над три милиони евра извршила јавни набавки од веледрогеријата „Пановски“ во сопственост на нејзиниот татко Златко Пановски. За ВМРО-ДПМНЕ, тука постои конфликт на интереси.

СДСМ реагира дека ВМРО-ДПМНЕ пласира лажни вести и оти во здравството се работи транспарентно и одговорно.

„Фактите говорат дека Министерот за здравство нема ниту мандат ниту каква било поврзаност со овие јавни набавки за јавните установи, односно постапките се во целост децентрализирани. Јавни набавки на лекови и медицински средства за потребите на јавните здравствени установи се спроведуваат согласно потребата на секоја установа одделно“, реагира СДСМ.

Според нив, за да се спречи судир на интереси, на директорката ѝ се одземени сите надлежности за процесот на јавни набавки.