По притворањето на седумтемина странски борци на Исламска држава (ИД) со потекло од Македонија во вторникот, извори на безбедносните служби информираа дека безбедносната состојба во земјава е мирна и под контрола, закани од тероризам нема, но дека опасност секогаш постои.
Македонските државјани кои учествувале во војните во Сирија и Ирак беа приведени на 7 август. Тие се на возраст од 23 до 41 година (С.Р. 1990, Џ.А. 1993, Б.Ф. 1994, О.Ж. 1987, Е.О 1994, И.Ш. 1977, А.М. 1995) и потекнуваат од Скопје, Прилеп, Тетово и Гостивар. Пред три и две години против нив беа поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016).
Репатрираните борци на ИД во вторникот биле донесени со воен авион на скопскиот аеродром каде што биле и приведени. Биле уапсени од единици од Сириските демократски сили. Како странски платеници биле заробени во Сирија. Процесот на апсење и нивно преземање во земјава бил заеднички изведен со Глобалната антитерористичка коалиција. Уапсените ќе одговараат по член 322а, а еден од нив и по член 394а од Кривичниот закононик.
Според изворите на безбедносните служби, во наредниот период се очекува да бидат приведени и останатите терористи од Македонија кои се бореле на боиштата во Сирија и Ирак. Се претпоставува дека се работи за 15 до 20 лица, а за петмина од нив и Интерпол има потерница.
На боиштата за Исламската држава во изминатите неколку години загинале 35 македонски државјани.