Ќе профитира ли Москва ако пропадне Договорот со Грција?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што ако пропадне договорот од Преспа?

Можно сценарио, според експертите, е дека со пропаѓањето на Договорот од Преспа, НАТО и ЕУ ќе ги повлечат поканите што ни ги дадоа, по што може да следи изолација од Запад и широко отворање на две врати – едната за Русија, а другата за влез на нелиберални и авторитарни режими и пропаганди.

Навистина поместивме планини!
По оваа изјава на премиерот Зоран Заев од брегот на Преспанското езеро, секој почна своја битка. Едни за Европа и НАТО, други за спас на Македонија, а трети за своите стари интереси со корен во Кремљ. Денес таа битка е на референдумскиот фронт и додека копјата се кршат на социјалните мрежи, речиси никој јавно не го поставува прашањето: А што ако пропадне Договорот од Преспа, а со него и влезот на Македонија во НАТО и ЕУ?

Московска врата или авторитарни режими?

Иако евроатлантските интеграции се стратешка определба на Македонија, во игра можат да бидат повеќе опции, но најворојатно можно сценарио, според експертите, е дека со пропаѓањето на Договорот од Преспа, НАТО и ЕУ ќе се повлечат од поканите што ни ги дадоа, по што на Македонија може да ѝ се закани изолација од Запад и широко отворање на две врати – едната кон Исток и Русија, а другата за влез на илиберални и авторитарни режими и пропаганди.

„Русија веќе некое време работи на создавање пречки во регионот за да го спречи проширувањето на НАТО и ЕУ. Најдобриот начин да ѝ се спротивставиме на ваквата деструктивна политика е да се понуди позитивна алтернатива и да се покаже како функционира руската анти-НАТО и анти-ЕУ политиката и како самонаречените патриотски групи и медиуми всушност соработуваат со Москва и промовираат нестабилност“, вели д-р Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац.

Вилсон: Сериозни грижи

Официјална Москва во повеќе наврати отворено кажа дека не ја сака Македонија во НАТО, бидејќи не сака ширење на Алијансата кон руските граници, а нејзината порака беше најдиректна: Со влегувањето во НАТО, Македонија ќе биде легална цел за Русија.

„Би биле наивни ако не размислуваме и не сме загрижени за руското влијание во регионот. Погледнете што се случи во Црна Гора, обид за атентат, обид за пуч. Ова се сериозни грижи. Ова сте го виделе веќе во Скопје. Сведоци сме на руски напори да се создадат големи проблеми“, вели Дејмон Вилсон, потпретседател на Атлантскиот совет на САД.

Освен врата за руската политика, пропаѓањето на преспанскиот договор може да ја отвори вратата, како што вели Андреја Стојковски од Центарот за европски стратегии, и за нови авторитарни режими и губење на симпатиите што сега ги имаме од Запад.

„Ако одлучиме дека нема да го прифатиме Договорот, тогаш треба да бидеме подготвени за уште посилно влијание на илиберални и авторитарни режими во државата, за засилување на пропагандата која што ја има и е веќе видлива и во овој момент и треба да бидеме подготвени да западнеме во нов процес на очајување кој може да нè одведе во сосема непосакувана насока на движење. Меѓу другото, ж она што треба да бидеме насочени сега е дека Македонија никогаш повеќе нема да има симпатии во меѓународната заедница и нема да има разбирање за Македонија и за спорот со Грција“, вели Стојковски.

Мала цена за голема руска победа

Ако Договорот од Преспа пропадне во Македонија, пропаѓа и во Грција, каде што сегашната влада лесно може да падне под налетот на обвинувањата дека на Скопје му признала македонски народ и македонски јазик.

Тогаш, велат експертите, и таму руската битка ќе биде добиена, а протерувањето на руските дипломати кои биле поврзани со насилните протести во Грција против договорот со Македонија, ќе бидат многу мала цена за голема московска победа.