Можна ли е мирна корекција на границата меѓу Србија и Косово?

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косово и Србија, корекции на границата или размена на територии

Претседателите на Србија и на Косово деновиве навестија како би се одвивале нивните разговори со цел долгорочно решение на спорот што им го попречува патот на двете земји кон Европа. Засега, според желбите на Приштина, сè се сведува на корекција на границата, но некои велат дека тоа би можело да заврши и со размена на територии.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во средата изјави дека ќе работи на приклучување на деловите од јужна Србија населени претежно од етнички Албанци, кон Косово.

„По барањето добиено од претставниците на Прешево, Медвеѓа и Бујановац за корекција на границата со Србија ова го гледам, како единствена опција за легитимирање на политичките и историските барања на Албанците од Прешево, Медвеѓа и Бујановац за приклучување кон Косово. Значи нема поделба на Косово, нема територијална размена и нема автономија за косовските Срби“, рече тој.

Тачи изјави дека оваа идеја ќе му ја претстави на неговиот српски колега Александар Вучиќ, во септември, во рамките на дијалогот спонзориран од ЕУ.

Тачи не даде какви било детали за тоа што ќе добие Србија за возврат.

Некои официјални претставници во Белград водеа кампања за поделба на Косово, односно да и се дозволи на Србија да ја задржи контролата врз северно Косово, каде што мнозинство се етничките Срби.

Србија и Косово се под притисок да ги решат сите отворени прашања, вклучувајќи го и дефинирањето на границиата со цел да се изградат поблиски врски со ЕУ и на крајот да се приклучат на блокот.

Останува нејасно што го натера Хашим Тачи да разговара за промена на 400 километри долгата граница меѓу Косово и Србија.

Ден претходно Александар Вучиќ изјави дека Косово одбива да им дозволи на етничките Срби на северот да прогласат автономија.

„Ако Србите го сторат тоа, ќе има опасност од еднострани акции на Приштина, а многу од западниот свет со нетрпение би чекале да им дадат поддршка на таквите еднострани акции што ќе и служат на Приштина за конечната пресметка, пред се со северот на Косово и Метохија“, рече Вучиќ.

Косово во 2013 година прифати договор да му се даде на српското малцинство право да формира заедница на оние општини каде што Србите се мнозинство.

Но, Тачи вели дека формирањето на вакво здружение мора да се направи во согласност со косовскиот устав.

Деновиве на северот на Косово беше тензично по извештаите на некои српски медиуми, дека косовските безбедносни сили се подготвувале да ја преземат контролата врз тамошната хидроцентрала.

Како мерка на претпазливост, американските војници во НАТО веднаш беа распоредени околу хидроцентралата.

До никакви инциденти не дојде, но тензиите повторно се вратија кај граѓаните на северна Митровица кои пак се надеваат дека ситуацијата ќе остане мирна.

Бранислав Петровиќ вели дека медиумите биле главен извор на стравот меѓу луѓето на север:

„Како што можете да видите, тука на северот е мирно, луѓето не се чувствуваат загрозени, но секој обид од југ да внесат немир или дури и да пробаат нешто, сигурен сум дека повеќето луѓе веројатно ќе одговорат со иста мерка“, вели тој.

По седумгодишни преговори со посредство на ЕУ, Приштина и Белград се јасни дека мора да ги нормализираат односите со цел да напредуваат кон членство во Унијата.