Мерки на претпазливост за Јакимовски и неговите соработници

Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ

Одземен пасош и редовно пријавување во судот, се мерките на претпазливост кои Судот им ги изрече на поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски и на четворица негови соработници.

Тие се сомничат дека ја злоупотребиле својата службена положба и овластување во три постапки за јавни набавки во вредност од 600 илјади евра.

Јакимовски, по излегувањето од Кривичниот суд, остана на ставот дека се работи за политички монтиран случај и се прави со цел да се дефокусира јавноста.

Адвокатот на Јакимовски најави дека ќе поднесе жалба на мерките за претпазливост, посочувајќи дека се работи за случај во кој воопшто не постои дело.

Јакимовски денеска, пред влегувањето во Судот, се обрати со вулгарни зборови кон новинарите. На новинарско прашање дали ќе им се извини на новинарите за неговиот однос, Јакимовски по излегувањето од Судот, рече дека нема намера да се извинува.

„Кон одредени луѓе немам намера да се извинувам. На оние кои се коректни сакам да ги поздравам на нивната коректност и сакам да им честитам за нивната професионалност. Кон оние кои не се професионални немам намера да се извинувам“, додаде Јакимовски.