Државната изборна комисија планира да потроши над 169 милиони денари за целосно спроведување на референдумот за Договорот со Грција што треба да се одржи на 30 септември, изјави денеска претседателот на ДИК Оливер Деркоски, наведувајќи дека тоа е намалување за 20 проценти во однос на средствата одобрени од Собранието на РМ во износ од 210 милиони денари.
„ДИК има обврска да донесе финансиски план за распоредување на овие средства. Во овој план првично се планира да се потрошат 169.770.000 денари односно 20 проценти помалку од предвидените. Планот не значи дека ова е дефинитивната бројка. Се надеваме дека по спроведување на тендерите ќе се изврши натамошно намалување на средствата со цел рационално трошење на парите од даночните обврзници“, рече Деркоски.
Според планот предвидени се и средства во износ од 80 милиони денари за надоместоци за изборните органи, односно за општиниските изборни комисии и избирачките одбори во земјата, како и за избирачките избори во дипломатско конзуларните претставништва.