Србија со критики до Израел за “неморално” учество во хрватското одбележување на “Олуја”

Архивска фотографија- министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ го критикуваше Израел откако нивни воени авиони учествуваа во церемонијата во Хрватска со која се одбележуваше годишнината од хрватската воено-полициска операција Олуја. Тажно е што израелски воени авиони беа вклучени во прославата на криминалната акција, рече Дачиќ денеска за белградската телевизија Пинк.

Три израелски авиони беа вклучени во вчерашната прослава со која се одбележаа 23 години од операцијата Олуја со која Хрватска ја врати контролата врз територијата која претходно ја заземаа хрватските Срби.

Покрај стотиците загинати, околу 200 000 Срби беа принудени да ги напуштат своите домови. Израелската амбасада во Белград, пак, соопшти дека учеството на нивните авиони во прославата е поради тоа што Хрватска купила ист тип авиони Ф-16 и дека тоа нема никакви политички елементи или каква било поврзаност со историските односи меѓу Србија и Хрватска. Дачиќ смета дека е неморално Израел да биде дел од комеморацијата кога десетици илјади луѓе исчезнале во логорите во Хрватска за време на усташкиот режим во Втората светска војна.