Јавниот долг на Македонија во вториот квартал од годинава за 0,1 процент го надмина ланското ниво, кога прв пат беше намален по девет години и изнесуваше 47,6 отсто од БДП. Во вториот квартал од 2018. јавниот долг изнесува 47,7 отсто од БДП, соопшти Министерството за финансии на својата веб-страница.
„Јавниот долг бележи намалување првпат после девет години во 2017 година, по што во 2018 година се задржува на тоа ниво. Претходните години јавниот долг беше брзорастечки и неодржлив. Од 2008 година тој рапидно растеше, а во 2016 година се удвои. Со одговорно менаџирање со јавниот долг, подобрена е и неговата структура“, стои во соопштението на Министерството.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред два дена соопштија дека Владата на СДСМ во изминативе 3 месеци, односно во вториот квартал, повторно ги зголеми јавниот и државниот долг.
Јавниот долг во изминативе 3 месеци се зголемил за 54 милиони евра, додека пак државниот долг се зголеми за 29 милиони евра, соопштија од партијата на прес- конференција.
ВМРО-ДПМНЕ побара СДСМ да престане со расипничкото однесување и неразумните задолжувања.