Фирмата „Брако“ на Анѓушев добила тендер од 40 илјади евра

Вицепремиерот Кочо Анѓушев

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека фирмата Брако на вицепремиерот Кочо Анѓушев добила тендер од скоро 40 илјади евра за набавка на заштитна мрежа на одрони покрај патот од Агенцијата за патишта на Република Македонија. Опозициската партија обвинува за судир на интереси.

„Да го поставиш на јавна функција Кочо Анѓушев каде што има допир со народни пари е исто како да го поставиш волкот да ги чува јагнињата“, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ, пак, одговори дека времето на криминални тендери завршило со заминувањето на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција.

„Денеска тендерите и јавните набавки се распишуваат по јасни услови, транспарентни критериуми и фер пристап за сите, а се избираат компании кои ќе испорачаат најдобар квалитет по најниска цена“, реагира СДСМ. Тие сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ измислува скандали каде што ги нема.

На обвинувањата реагира и фирмата Брако, која тврди дека тендерот го добиле како резултат на добрата цена и фактот дека е единствен производител на поцинкувана жица во земјата, а не бидејќи сопственик на удел во компанијата е вицепремиерот Кочо Анѓушев. „Секоја друга понуда е далеку поскапа од нашата, а квалитетот е неспоредлив“, се наведува во реакцијата на „Брако“.