Премиерот Зоран Заев денеска обелодени дека ѝ понудил на ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата за заедно да го „одработат“ референдумот. Опозициската партија го одбила ваквиот предлог, но останала цврсто на барањето за амнестија.
„Дадов понуда до 2020 да бидам премиер, но подготвен сум да го споделам својот мандат со ВМРО-ДПМНЕ, да го одработиме референдумот, но го одбија тоа. Им испратив покана да влезат во Владата додека не станеме полноправна членка на НАТО, до крајот на 2019, почетокот на 2020 година кога ќе почнат и преговорите со ЕУ. Но, готово е тоа сега, Го одбија предлогот. Беше речено дека само амнестија е интересот. Се бараше членот 353 и 165 од законот да се променат“, истакна Заев во отвореното студио на 1ТВ од Охрид.
Тој уште еднаш нагласи дека амнестија, директна или индиректна, нема да има.
Заев на Мицкоски му понудил и, ако опозицијата обезбеди 300 илјади гласови против референдумот, може слободно да избере кога сака да има избори, но и тоа не било прифатено.
Заев исто така рече дека ќе поднесе оставка ако на референдумот има повеќе гласови „против“ отколку „за“.
Според него, добро е, не само за државата, туку и за ВМРО-ДПМНЕ да повика на излезеност на референдумот, а граѓаните да се изјаснат како сакаат.