Трајно решение за Косово ќе значи одржливо реалистично решение според меѓународното право, а двете страни ја дефинираат заедничката основа за взаемна согласност, изјави Маја Коцијанчич, портпаролка на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
„Дијалогот со посредство на ЕУ има за цел да промовира долготрајна соработка помеѓу страните, да им помогне да постигнат напредок на патот кон Европа и да ги подобрат животите на луѓето. Трајно решение значи одржливо реалистично решение според меѓународното право. Двете страни ја дефинираат заедничката основа за взаемна согласност“, изјави Коцијанчич во одговорот до МИА на прашањето околу ставот на Могерини за можна поделба на Косово,
Коцијанчич потсети дека за време на последната рунда преговори во рамки на дијалогот Белград-Приштина, претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, имаа „интензивна и продуктивна дискусија“ во рамките на договорот за нормализација на односите.
Дипломатски извори во Европската комисија за МИА велат дека на последната средба помеѓу Вучиќ и Тачи не станало збор за поделба на Косово, но дека на двете страни останува дали ќе сакаат да го отворат прашањето на следниот состанок, кој се очекува да се одржи во текот на септември.
Последните денови косовската и српската страна на највисоко ниво упатија повеќе пораки во јавноста за „корекција на границите“ и „размена на територии“, додека пак американскиот амбасадор во Србија првпат одби да отфрли секаква поделба на Косово.