Јасно и очекувано е дека СДСМ преку манипулации се обидува да изврши притисок врз претседателот Ѓорѓе Иванов, поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Република Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор, пишува во реакцијата на Кабинетот на претседателот на државата, по обвинувањата на СДСМ за неговиот вчерашен говор на Мечкин Камен.
„Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ. Претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста коишто со децении се градени, сега се доведуваат во опасност, токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт. За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните кои го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден“, се вели во соопштението од Кабинетот на Иванов.