Русите и натаму се мешаат во американските избори

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Сеопфатни руски напори за мешање во изборите во САД

Русија и натаму се обидува да ги ослаби и подели Соединетите држави и да се меша во американскиот изборен процес, оценија првите луѓе на американските разузнавачки агенции. Тие во Белата куќа се осврнаа врз мерките што администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги презема за да спречи надворешно мешање во американските избори.

Русија работи на поткопување на изборите за американскиот Конгрес во ноември годинава, како и на претседателските избори во 2020 година, изјави директорот на разузнавачките служби Ден Коутс на прес конференцијата во Белата куќа со другите шефови на американските разузнавачки агенции.

„Русија користеше бројни начини на кои тие сакаат да влијаат: преку социјалните медиуми, преку ботови, преку актери кои ги ангажираат и ополномоштуваат, се погоре и потенцијално повеќе. Не можам да одам во какви било подлабоки детали за тоа што е класифицирано, но е распространето. Тоа е во тек и со цел да се постигне нивната намера да стават клин и да ги поткопаат нашите демократски вредности“.

Коутс, исто така, рече дека Русија не е единствената земја што работи на поткопување на американските избори.

Нелегалната активност вклучува криминални напори за притисоци на гласањето и обезбедување нелегално финансирање на кампањи, сајбер-напади против инфраструктурата за гласање, како и компјутерски упади.

Коутс сепак оцени дека обидите на Русија да ги „поткопа основните вредности на САД“ не биле толку големи за изборите годинава, какви што беа за време на претседателските во 2016 година.

Федералното истражно биро, како што рече неговиот директор Кристофер Реј, има отворено истраги за мешање во изборите.

„Ние даваме толку многу наши напори, обидувајќи се да се вклучиме со социјалните медиуми и технолошките компании, бидејќи има многу важна улога за нив во смисла на мониторинг, всушност, контролирање на сопствената платформа“.

На брифингот за новинарите во Белата куќа на кој беше даден преглед на напорите на администрацијата на претседателот Доналд Трамп за да биде гарантирана изборната безбедност, зборуваа и секретарката за внатрешна безбедност Кирстјен Нилсен и директорот на Националната агенција за безбедност Пол Накасоне.

Фејсбук деновиве соопшти дека идентификувал координирана кампања за политичко влијание пред ноемвриските избори за американскиот Конгрес и укина десетици лажни сметки.