За да ја разбереме историската одоговорност на народот кон својата Република, неопходно е да се вратиме на изворот каде што водата е најбистра. Гоце Делчев верувал дека, не силната индивидуа, туку организараната сила на народот треба да ја извојува победата. Македонија не е приватна сопственост за некој да тргува со неа и со нејзините вредности, не е личен имот за некој да ја распродава, не е ничија земја за секој да ја присвојува, туку му припаѓа на народот што ја создал, порача денеска од Мечкин Камен претседателот Ѓорге Иванов.
Во обраќањето по повод двата Илиндена, Иванов го повтори ставот дека е против Грчкиот договор и дека не го прифаќа. Ниту еден поединец од ниту една генерација, рече, нема право да тргува со името и иднетитетот.
Претседателот ја обвини Владата дека го заобиколува во врска со ова прашање. Се повика на Конески, Прличев, Делчев, Глигоров, Трајковски, укажувајќи колкаво е значењето на македонската државност, јазикот, нацијата.
Да се биде Македонец, не е само право, туку и обврска, потенцира претседателот. Да не им го одземаме на идните генерации правото што го оставија нашите предци.
Според Иванов, македонските граѓани се сплотени околу идејата за членство во ЕУ и НАТО, но таму сакаат со своето име, достоинство и чест.
„Верувам дека народот е доволно зрел и мудар да ја одбере својата иднина. Да ја чуваме независна Република Македонија, нема ништо повредно од тоа“, рече Иванов, нагласувајќи дека ниту еден политичар нема мандат да тргува со идентитетот на народот.