Новиот состав на ДИК денеска го усвои Правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум закажан за 30 септември и одлучи сите рокови да бидат скратени за пет дена, освен јавната пропаганда, бидејќи референдумот треба да се одржи за 60 дена.
Право на изјаснување ќе имаат граѓани кои наполниле 18 години, кои се деловно способни, имаат живеалиште во Македонија и ги има во Избирачикот список.
Според членот на ДИК Јанакие Витановски, со Правилникот е предвидено на референдумот да имаат право на изјаснување и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Македонија.
Потпретседателката на ДИК Дитмира Шеху не се сложи со изјаснувањето на дијаспората, како што рече, имајќи предвид колку средства се трошат од државата за оваа намена. Таа ги повика граѓаните кои сакат да се изјаснат на референдумот да дојдат во Македонија и да гласаат.
Првичните резултати од референдумот треба да бидат објавени 24 часа по завршувањето на гласањето, а тој ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните во Избирачкииот список.