Владиниот портпарол Миле Бошњаковски, соопштувајќи ги одлуките од вчерашната седница на Владата, денеска информираше дека вкупно 958 рамковни вработувања треба да бидат распределени по државните институции.
„Од нив 50 во МВР, 26 во Јавното обвинителство, 39 во УЈП, 11 во Државниот завод за ревизија, 13 во Агенцијата за вработување, 20 во Министерството за правда... Постапката е комплексна, дел од овие вработувања се во тек, но треба да е усогласат решенијата“, рече Бошњаковски.
Тој нагласи дека во целиот овој процес се внимава на степенот на образование на лицата, како и на нивните вештини и дека институциите, со ваквата рамковна распределба само ќе добијат на квалитет.
„Постапката е комплексна, тие луѓе работат, но треба да се усогласат повеќе решенија меѓу повеќе институции. Дел од нив се веќе почнати. Владата на некоја од наредните седници веројатно ќе побара информација до каде се постапката и распределувањето и ќе информираме“, додаде владиниот портпарол.