Вицепремиерот Кочо Анѓушев на денешната прес-конференција соопшти дека индустриското производство во првото полугодие од годината има раст од 12 отсто, што според него е показател дека „целокупната економија се раздвижува и дека стопанството ги препознало владините мерки“.
Во врска со неговите компании, од кои една се повлече од грантот на Фондот за иновации, а две други се повлекоа од списокот можни добитници на државни пари од Агенцијата за странски инвестиции, вицепремиерот рече дека ако тие компании се проблем, тогаш нема да аплицираат.
„Нема никаков конфликт на интереси и заобиколување на законите. Престана делењето пари зад затвори врати и класифицирани договори. Компаниите кои ги задоволуваат законските критериуми имаат право да аплицираат. Сепак овие компании се повлекоа не поради конфликт на интереси туку затоа што сензитивноста кај јавноста е голема после подолг период. Не се битни тие две компании, ако се проблем нема да аплицираат. Треаба да гледаме што е добро за целата економија. Бројките покажуваат дека целата економија се раздвижува“, рече Анѓушев.