Секој останува на својот став за гасоводот на Водно

Градежна механизација во Парк-шумата Водно каде е планирано да се изгради гасовод. Фотографии од фејсбук страната на иницијативата „Го сакам Водно“.

Од иницијативата „Го сакам Водно“ велат дека чекаат официјална одлука на Владата за изградбата на гасоводот низ Водно. Тие бараат багерите да се тргнат. Од Владата соопштија дека гасовод ќе се гради, но по изменета траса.

Невладините, кои се дел од иницијативата „Го сакам Водно“, бараат да се стопира одобрението за градба на гасоводот на Водно. Од Владата, пак, соопштија дека ќе има нова скратена траса, но дека целосно нова траса не е можна, оти, како што велат, тоа ќе донесе неколкукратно поголеми проблеми и штети за државата и за граѓаните.

Темата викендов повторно беше актуелна, откако активистите забележале дека градежна механизација работи на сртот на Водно.

„Ние бевме таму чисто да означиме, да напишеме „Го сакам Водно“, бидејќи багерите четири месеци стојат таму и искрено се многу грда глетка, а таму глетката ни се прошири со уште погрд момент, изработени се уште нови 200 метри, раскопан е сртот“, вели Татјана Стојановска од иницијативата „Го сакам Водно“.

Од иницијативата велат дека чекаат официјална одлука на Владата по ова прашање, оти последната одлука е за формирање на Работна група која требаше да се договори како понатаму, затоа што трасата предизвика револт бидејќи поминува низ заштитената Парк–шума Водно. Невладините кои се дел од иницијативата „Го сакам Водно“, не биле дел од таа работна група, туку само имале средби со членовите.

„Од целокупната комуникација досега немаме информации дека Работната група се состанала, го одлучиле тоа, го доставиле до Влада и Владата сега дава еден конечен одговор. Нека ни дадат една таква информација, објаснувањето преку новини, мислам дека не е во ред, нека дадат официјална информација тогаш и ние ќе настапиме со официјален став од наша страна“, вели Стојановска од „Го сакам Водно“.

Невладините викендов побара да се тргнат багерите од Водно, а од Владата соопштија дека багерите се таму веќе четири месеци, но дека нема градежни активности, туку се подготвуваат за препроектирање на трасата.

Владата соопшти дека по реакциите на невладините испланирале нова пократка траса на гасоводот кој ќе поминува низ Водно, за како што велат, овој проект да има минимален ефект врз животната средина. Со новата траса треба да се уништат помалку дрва, наместо предвидените 3000 кубни метри, сега тоа ќе изнесува 1400 кубни метри, а трасата ќе се намали и во ширина, па наместо 25 метри, сега ќе бидат зафатени 10 метри, стои во владиното соопштение.

Од „Го сакам Водно“, велат дека е контрадикторно тоа што Владата прво вели дека не планираат нова траса, а од друга страна ја изменуваат претходната траса, што, како што велат, значи нова траса. Невладините велат дека ако се прави нова траса потребни се нови разгледувања, нови студии.

„Владата можеби си има механизми, со кои ќе каже – Да, ова е приоритет за државата и ние ги скокаме тие фази. Но дали е тоа во ред? Ова е наследен проблем од претходната влада, го разбираме тоа, но ја задржале правната процедура максимално, има недоречености, има морални аспекти во тие добиени дозволи, што не е во ред. Дали сега може да направат една анализа, што се губи, а што се добива со продолжување на гасоводната траса низ Водно?“, вели Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.

Изградбата на гасоводот по изменетата траса ќе чини повеќе, но на тој начин ќе се обезбеди најмала штета врз животната средина, велат од Владата. Од таму најавуваат и ќе засадат нова вегетација.

Гасоводната делница од Скопје преку Тетово и Гостивар, треба да заврши во Охрид.