Сите проекти како медитеранската плажа, трите развојни туристички зони поради Субрата Рој, скијачкиот центар, експресниот пат Охрид - Свети Наум, Струга - граница или Требениште, железничката пруга се стопирани. Охрид е нашето најголемо богатство и треба да го чуваме сите, без разлика дали е тоа надлежност на локалната или на централната власт, изјави денеска премиерот Зоран Заев на собраниската седница за пратенички прашања.
„Политиките на локалната и на централната власт се дека мегаломанството во градењето на Охрид е стопирано. Секој инвеститор што сака да гради во Охрид, а има мегаломански апетити, нема да му биде одобрено“, рече Заев.
Тој нагласи дека мораториум за мегаломански проекти има и ќе се придржуваат на тоа, согласно упатствата на УНЕСКО, а не само зашто е волја на локалната и на централната власт.
Тој објасни дека експересниот пат од Охрид до Свети Наум и Струга до границата немаат еколошка студија, а средствата се пренаменети за реконструкција на други патишта.