Гасоводот ќе оди преку Водно, но со изменета траса

Гасоводната делница Скопје - Тетово - Гостивар, што е предвидено да заврши до Охрид, ќе продолжи да се гради по истата рута, но со неколку измени и мерки, најави директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Бајрам Реџепи, согласно најновата одлука на Владата.

„Се предвидува да се намали ширината на работниот појас од 25 на 10 метри и да се измени трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. Новопредложената траса ќе биде покрај една постоечка патека и постоечки пат, само се предвидува да се прошири од лева и десна страна по неколку метри и со тоа уште повеќе ќе се избегне сечењето на шумата на Водно, која според анализите на јавното претпријатие Паркови и зеленило Скопје изнесува околу 1.400 метри кубни сеча на дрва“, вели Реџепи во интервју за МИА.

Измените на трасата, додава тој, се направени после преговорите со граѓанските организации кои се противат на изградба на гасоводот низ парк шумата Водно, а Владата одлучи неколкукратно да ја компензира исечената шума со пошумување на овој предел и да се врати во првобитна состојба за неколку месеци.