Скопје со повеќе активности и манифестации одбележува 55 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, во кој 1.070 луѓе го загубија животот, а 3.000 беа повредени.
Програмата насловена „Зборува Скопје“ во четири дена ја обедини ликовната, театарската, филмската и мултимедијалната уметност и граѓански активизам концептуално поврзан со земјотресот, но и со културната историја на метрополата.
На пет различни локации низ главниот град изутринава во 5:17 часот се спроведе аудио-уметничка акција во траење од една минута „Разбуди се Скопје“, која требаше да ги потсети граѓаните на точното време на катастрофалниот скопски земјотрес од 26 јули 1963 година. Со акцијата беа опфатени Музејот на современа уметност, Музејот на Град Скопје, Градскиот трговски центар, Порта Влае, а едно озвучено возило се движеше по булеварот „Партизански одреди“.
Официјални делегации и претставници на институции денеска ќе положат цвеќе на Градските гробишта во Бутел, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес. Традиционалната крводарителска акција ќе се спроведува од 9 до 17 часот во Музејот на Град Скопје.
Катастрофалниот земјотрес се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минити, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствува на простор од околу 50.000 квадратни километри. Од потресот беа урнати 15.800 станови, а оштетени беа 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.