Балфур - Македонија да се бори против руското мешање во референдумската кампања

Илустрација

Сите сили во општеството, вклучително и новинарите, треба да вложат напор за справување со можната руска вмешаност во референдумската кампања за името, вели Роза Балфур, експерт за проширување во Германскиот Маршалов план, во интервју за МИА.

Балфур објаснува дека, како и во други изборни кампањи, Русија најверојатно ќе се обиде да се вмеша преку ширење дезинформации и лажни вести.

„Ова се случува секаде, не само во Македонија, но се разбира Македонија работи врз покревки основи од консолидирани демократии. Но, тоа го видовме и во Велика Британија со кампањата за Брегзит. Мешањето беше огромно и треба сите сектори на општеството да се мобилизираат. Ова не е нешто што може да се реши преку пасивност“, вели Роза Балфур за МИА.

Договорот за Грција, вели таа, е историски пресврт за Македонија и за Грција, кој ќе постави пример за другите спорови во регионот. Според Балфур, би било добро кампањата за референдумот да ја поддржат европските лидери на највисоко ниво и да го вратат фокусот на регионот, кој долго време беше запоставен.

Балфур предупредува и дека доколку не помине договорот за името – дали на референдум, дали во грчкиот парламент, иднината ќе биде покревка за целиот регион.