Нема оставки, на Заев му требаат функционерите поврзани со грантовите од Фондот за иновации

Архивска фотографија: Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев

Премиерот Зоран Заев вели дека нема да побара оставки од функционерите за кои имаше реакции во јавноста за поврзаност со фирми кои добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, затоа што, според него, тие се повлекле и не го кршеле законот.

„Ако така бараме оставки потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта. Тие апсолутно постапуваат етички, излегоа на прес-конференции да ги кажат своите ставови и тоа е фер однос. Проблемот е што во минатото не се откажуваа и оставаа до крај впечаток дека нешто не е етички или коректно“, изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања, по стартот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“.

Под реакција на јавноста, наведе премиерот, гледате Владата знае да се поправи, знае да инсистира, да биде упорна во своите ставови, но истовремено знае и да се врати чекор назад.

Заев рече дека со законот е дозволено сите фирми да аплицираат, а кога јавноста реагирала будно, етичкиот дел на самите министри и на другите функционери се разбудил, тие сами ги повлекле апликациите на фирмите во кои што имаат свој удел, а еден дел од нив тргнале да ги продадат своите удели.

Во врска со овој случај, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, пак, завчера оформи предмет по допрен глас.