Зекири најави кривични за Милошоски и член на кабинетот на Иванов за оддавање државна тајна

Пратеникот Мухамед Зекири

Кривични пријави за оддавање државна тајна за претседателот на Комисијата за надворешни прашања Антонио Милошоски и за лице од Кабинетот на Претседателот Ѓорге Иванов во врска со класифицираните материјали од лидерски средби кај претседателот, за кои денеска Милошоски бараше да им бидат доставени на членовите на собраниската Комисија за надворешни работи кои имаат безбедносни сертификати и посочи на делови од нив, најави денеска пратеникот од СДСМ Мухамед Зекири.

Тој истакна дека Милошоски не поседува безбедносен сертификат од 2015 година наваму за да може да поседува или бара класифицирани информации. Поради тоа, рече, немал ниту право да бара класифицирани информации од кабинетот на претседателот Иванов.

„Милошоски со тоа што изнесе детали од Извештајот од лидерските средби кои ги добил од Кабинетот на претседателот, а се класифицирани како државна тајна, директно го прекршува член 317 од Кривичниот законик. На пратеникот Милошоски и на тој што го доставил извештајот ќе им бидат поднесени кривични пријави за оддавање државна тајна“, рече на прес-конференција Зекири.

Напомена дека за ова дело е предвидена казна затвор од една до пет или од една до десет години.

Денеска седница требаше да одржи Комисијата за надворешни работи, но беше одложена поради барањето извештаите од Кабинетот на претседателот да бидат доставени до членовите кои имаат безбедносни сертификати за пристап до вакви информации.