Земјите од регионот ќе преземат контра-мерки ако Косово не ги повлече царините

Претставниците на Македонија, Србија, Црна Гора и на БиХ, денеска на заеднички состанок во Белград, ја поздравија одлуката на Приштина за делумно повлекување на трговските бариери, со барање, веднаш, без одложување, да ги повлече царините и за останатите производи.

Еден од заклучоците на состанокот, на кој учествуваат министрите за земјоделство, трговија и економија на Македонија, Србија и БиХ, како и претставник од Црна Гора, е и секоја земја да може да воведе соодветни контра-мерки, ако Косово во најскоро време не ги укине и останатите трговски бариери.

„Македонија и натаму е најпогодена со овие бариери. Очекуваме итно повлекување на оваа одлука. Во спротивно Македонија ќе ги преземе сите чекори и мерки кои се во функција на заштита на македонското земјоделство, домашното производство и граѓаните“, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски по состанокот во Белград.

Според српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, договореното оперативно тело ќе работи до стапување во сила на Протоколот 7 од ЦЕФТА договорот.