Заев: Референдум на 30 септември, ако треба и без ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Зоран Заев

Референдумот ќе се организира и без опозициската ВМРО-ДПМНЕ во случај со нив да не се постигне договор за што во тек се разговори на парламентарно ниво, изјави премиерот Зоран Заев, кој верува дека до 30 јули Собранието ќе донесе одлука за распишување на референдумот.

Во случај да не се постигне договор со ВМРО-ДПМНЕ, Заев очекува соодветно позиционирање на опозициските пратеници за одлуките за распишување на референдумот, но и пред јавноста. Тие, според Заев, мора да кажат кој им е ставот.

„Дали ќе бидат за бојкот, тивок бојкот, за повик за референдум, а да гласаат против, дали ќе бидат за повик, а граѓаните слободно да одлучуваат... Тоа е нивно право, но должност на сите е да обезбедат процесот да биде успешен“, изјави Заев, по старот на инвестицијата на турската компанија „Мурат Тиџарет“ во Бунарџик.

„На лидерската средба заедно утврдивме тоа да биде колку што може порано дури го спомнавме и датумот 30 септември. Тоа значи дека до 30 јули сега треба Парламентот да донесе одлука. Не сакам да навлегувам во ингеренциите и надлежностите на Парламентот, но верувам дека ќе се стаса ако се успее сите процеси да се придвижат и ако навистина Парламентот биде посветен, за да завршиме порано заради државните интереси“, изјави Заев посочувајќи дека и покрај можноста да се додаде една или две недели, посакува 30 јули да биде датумот за одлука на Парламентот за да може да има референдум на 30 септември.