Фондот за иновации и технолошки развој тврди дека процедурата по која е спроведен првиот јавен повик од Столб 3 на Планот за економски раст на Владата на РМ е целосно транспарентна.
“Ги поздравуваме сите повици да се испита работата на Фондот и ги повикуваме сите надлежни органи да го сторат тоа неодложно. Како и досега остануваме целосно транспарентни и отворени за одговор на сите прашања и дилеми кои се поставуваат во јавноста”, се вели во денешното соопштение од Фондот за иновации.
Оттаму потсетуваат дека на првиот јавен повик од Третиот столб се јавиле 236 компании од земјата, а 80 од нив кои ги исполниле критериумите ги добиле бараните средства во првиот инвестициски бран. Исто толку компании, додаваат од Фондот, ќе добијат средства во рамките на вториот инвестициски бран од Првиот повик.
“Би сакале да потенцираме дека Фондот ни досега, ниту во иднина, вршел или ќе врши дискриминација на компаниите по било која основа. Компаниите се оценуваат единствено според квалитетот на понудените проекти и придобивките од нив. Истовремено Фондот нема мандат, ниту обврска да врши анализа на сопственичкиот капитал на компаниите кои аплицираат, ниту да врши проценка на нивната политичка подобност”, се истакнува во соопштението.
До оваа реакција доаѓа откако во јавноста се обелодени дека фирма во која сопственички удел има вицепремиерот Кочо Анѓушев добила 160 000 евра одФондот за иновации и технолошки развој.Анѓушев денеска ги повика косопствениците на неговите фирми да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат.