За ВМРО-ДПМНЕ државата е на Заев и Анѓушев, за СДСМ таа не е веќе заробена

Архивска фотографија-седиштето на ВМРО ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение оценува дека “Заев и Анѓушев ја претвораат државата во сопствена фирма, додека граѓаните осиромашуваат”.

“Додека граѓаните се вознемирени од изјавите каде што постојано се менуваат ставовите на Зоран Заев дали ќе биде распишан референдум и дали тој ќе биде задолжителен или консултативен, Заев како од ракав дели 10 милиони евра на фирми на Анѓушев, Локвенец и други сопартијци и послушници, претставувајќи ги како иноватори” наведува ВМРО-ДПМНЕ.

Во своето соопштение СДСМ пак оценува дека “Македонија веќе не е заробена држава, а граѓаните повторно ќе го поразат деструктивното однесување на ВМРО-ДПМНЕ”.

“ВМРО-ДПМНЕ секојдневно шири невистини и измислици во обид да го прикрие деструктивното однесување преку коешто се обидува да ја закочи македонската иднина. Ниту една лага на ВМРО-ДПМНЕ нема да ги прикрие реалните факти коишто велат дека платата во мај 2018 година е за 7,1 отсто повисока во споредба со истиот месец од 2017 година, дека само во првиот квартал се влезени рекордни 235 милиони странски инвестиции, дека Македонија е на чекор до влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ” пишуваат од СДСМ.