Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска ја обвини владејачката партија за нелегални тендери и донации, во време кое како што рече, целата јавност е фокусирана на прашањата околу името на Република Македонија, референдумот и договорот со Грција.
“Пред една недела, вицепремиерот Кочо Анѓушев излезе на говорница и рече дека му било “чест и задоволство и голема радост” што фондот за иновации делел 10,5 милиони евра!. Па како нема да му биде кога на фирма во која што како сопственик тој фигурира негова компанија се доделуваат 160 000 евра”, рече Арсовски.
Тој го цитираше законот за спречување на судир за јавни интереси и Кривичниот законик, наведувајќи дека јасно и прецизно била предвидена казна затвор за сите оние кои го прекршуваат Законот за судир на интереси и дека на Анѓушев му се заканува казна затвор од најмалку 3 години. Арсовски го повика Јавното обвинителство да реагира, а Анѓушев и директорот на Фондот за иновации за технолошки развој Јован Деспотовски да си поднесат оставки.
Медиумите вчера објавија дека Фондот за иновации доделил 160.000 евра на сметката на Каст Инвест, компанија чиј косопственик е вицепремиерот Анѓушев. Од неговиот кабинет наведоа дека нема ништо спорно затоа што тој со стапувањето на функцијата вицепремиер за економски прашања се повлекол од управувачките функции во сите компании каде што има сопственички капитал. Од таму додаваат и дека во фондот е воспоставен двостепен систем за евалуација и селекција на доставените проекти од страна на стручни и независни комисии по јасни критериуми кои се еднакви за сите компании што учествуваат на повикот и не фаворизираат ниту еден правен субјект.