Во отворено писмо до јавноста, објавено во британскиот весник „Гардијан“, повеќе од 40 интелектуалци од Европа и САД бараат историскиот договор меѓу Македонија и Грција со кој се решаваат разликите околу името, да биде спроведен.
Во писмото потпишано од универзитетски професори од Лондон, калифорниски Беркли, Болоња, Њујорк, Варшава, Кембриџ, членови на Европскиот парламент, истакнати филозофи од Стразбур и Париз ја изразуваат поддршката за Договорот, потенцирајќи дека тој го почитува достоинството и правото на самоопределување на двата народи и ја потврдува желбата на двете земји за мирен соживот.
Овие истакнати личности, потенцираат дека Договорот ги дефинира политичките, историските и културните граници меѓу класичната грчка Македонија и - одсега - Северна Македонија, ставајќи јасно до знаење дека македонскиот идентитет може да биде споделен меѓу луѓето кои го прифаќаат, со различно значење.
Потсетувајќи на главните грижи, но и придобивки за едната и другата страна, во писмото се истакнува дека кога ќе биде завршен, „овој правно-обврзувачки меѓународен договор ќе го реши прашањето за оспорениот политички идентитет, толку вообичаен во мултикултурните општества, и ќе понуди модел за идно решавање на други долготрајни конфликти“.
Сепак, европските и американски интелектуалци посочуваат дека во обете земји постојат екстремисти и радикали кои се против договорот. Тие наведуваат дека посебно во идната Северна Македонија е неопходно сите да ги исполнат ветувањата со цел да успее референдумот, планиран за наесен.
„Во овие критични времиња, кога Европа се соочува со подемот на екстремниот десничарски национализам и расизам и опасните ревизионисти на Балканот и Европа, кои ги делат луѓето на „предавници" и „патриоти", поважно откога и да е да се поддржат оние што преземаат ризици за помирување. Ние го поддржуваме овој фер договор и ги повикуваме сите страни да го исполнат својот дел од договорот“, се наведува во отвореното писмо на интелектуалци од САД и Европа во „Гардијан“.