Седмо „На зајдисонце“ во Трпејца

Со отворање на изложбата на уметнички дела на публицистот и екологист Свето Стефановски и со настап на музичкото дуо ДИС, овој петок, на 20 јули, во Трпејца ќе започне седмото издание на традиционалната културно-забавна манифестација „На зајдисонце“, чија заложба е да биде промотор на уметноста, природните реткости на овој крај и особено неговите големи туристички потенцијали.

Она што првично беше повеќе желба отколку заокружен концепт на поединци и на Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ од Охрид, во изминативе шест години трпеливо се исправи како здраво обмислена идеја која завредува почит. Селото Трпејца, во сега веќе културно – забавното лето „На зајдисонце“, има сериозна манифестација со која што може да се гордее и која е несомнено убав пример за промоција на уметноста, природните реткости на крајот и особено неговите туристички потенцијали.

„Задоволството е големо кога гледате како нешто што сте го започнале како идеја пред седум години сега ве довело до можноста да ги собирате првите плодови од тоа. На некој начин, таквото чувство е уште поубаво кога ќе видите дека луѓето околу вас и институциите ве прифаќаат и ви подаваат рака. Така на пример годинава покрај традиционалниот покровител Општина Охрид, нашата идеја за спој на културата, забавата и уметноста ја препозна и Министерството за култура на Република Македонија и по прв пат финансиски ја поддржа манифестацијата“, вели Милчо Јовановски, од здружението „За Трпејца со љубов“ и еден од иницијаторите за ова случување.

А, седмото издание на манифестацијата „На зајдисонце“, кое ќе се одржи во периодот од 20 до 28 јули, во деветте дена ќе донесе богата програма која подеднакво ќе биде интересна и за гостите и за домаќините.

Чинот на свеченото отворање в петок на веќе познатата сцена „Кај бунарот“ ќе го одбележат два настана. Најнапред ќе биде отворена изложбата на уметнички дела од Свето Стефановски, новинар, публицист, екологист и ликовен уметник. Тој во последниве години живее на релација Охрид -Скопје и твори без прекин. За него и неговите творби ликовната критика и проследувачите ќе забележат дека „имаат препознатлив стил и јазик со изразита енергија. Дека широка е палетата на неговото изразување. Кај него, се вели, ќе најдете и пејзаж, и Стара чаршија, и Охрид и цркви и манастири, ама и цвеќе. Стефановски не му робува на традиционалното сфаќање на догмите за сликарството. Ослободен е од пресликување на стварноста. Природата кај него е дематеријализирана“.

Оваа вечер ќе биде збогатена и со настапот на младите Денис Мурат и Стефани Стефановска од Скопје, кои во последниве две години освен како солисти во јавноста се присутни и како дуо ДИС.

Следните денови во блокот културни настани ќе следат: традиционалната Променада со кајче по Езерото со ученици од ОМУ „Методи Патче“ од Охрид и театарската работилница „Театар на отворено“ со актерката Марија Новак.

Во понеделник на 23 јули, пак, за прв пат ќе се одржи и поетска вечер насловена како „Поетите за езерото и водата“. Автор на овој поетско – музички перформанс е Марина Димовска која го направи изборот на стиховите што ќе ги интерпретира пред публиката на сената во Трпејца.

Зад оваа идеја застана и НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид, која подржувајќи ја заложбата за популаризација на книжевноста на дел од посетителите - вљубеници во пишаната реч ќе им подари по една книга од автори кои своите дела и ги донирале на установата. Димовска на гитара ќе ја придружува Филип Неделкоски.

За наредната вечер се планирани проекцијата на документарецот „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“ од Томе Љушев – Шпанец и целовечерните концерти на ансамблот „Билјана“, КУД „Фолклористи“ од Лескоец и градскиот хор VOX LICHNIDOS од Охрид кој ќе пее под диригентската палка на Бурим Хидри.

Од едукативните содржини на културно – забавното лето „На зајдисонце“ во Трпејца вреди да се биде и на заедничката дружба помеѓу домаќините од здружението „За Трпејца со љубов“ и нивните гости од здружението „Интелектуална жена“ од Поградец, Албанија. Тие годинава заеднички потпишаа прекуграничен проект, а една од неговите придобивки беше и групната изложба на фотографии во рамките на која ги претставуваат убавините на природата во двете места, но и негрижата на човекот кон животната средина. Дел од овие фотографии ќе бидат изложени и на манифестацијата „На зајдисонце“.

Прелистувањето на програмата ја наметнува и потребата да биде спомнато и тоа дека членовите на невладината „Опција“ ќе одржат едукативно предавање за болестите на зависност и полно преносливите болести. Дека под мотото „И ние можеме“ ќе се претстават и учениците од Подрачното училиште во Трпејца, кое е дел од ОУ „Св Наум Охридски“ од Пештани. Тие заедно ќе се обидат да покажат дека и од една ваква мала средина може да се контактира со светот преку учества во меѓународните проекти.

Во спортско – забавниот дел разбирливо се задржани веќе стандардните настани: школата за цртање со уметникот Слободан Пупиноски, онаа за шах и турнирот во организација на клубот „Ласкер“ од Охрид, натпреварот во фаќање риба на јадица, кајакарската регата „Номче Митрески“ и годинава за првпат малиот пливачки маратон како замена за школата за пливање за која од оснивањето на манифестацијата е задолжена познатата поранешна пливачка, сега тренер Соња Думбалоска – Делова.

Конечно планирано е туристите заедно со домаќините на последниот ден од манифестацијата да имаат заеднички излет по стариот турски пат кој ја поврзувал Трпејца со Свети Наум.

Во контекст на сево ова Јовановски знае да каже дека можеби зад нив се седум години во кои се извртеле над 500 учесници во програмите, но дека тие „нема да застанат тука, туку дека и натаму ќе работат на збогатување на понудата на манифестацијата“.

„Се надеваме дека и понатаму ќе расне начинот на презентација и ќе носиме уште поуспешни и поактуелни учесници, артисти и уметници на ова наше културно лето во Трпејца кое симболично го нарековме „На зајдисонце“, вели Јовановски.

Кон ова, важно е да се спомене и тоа дека сите приредби и настани на манифестацијата се одржуваат на отворена сцена крај и во езерото, а на нив слободно можат да учествуваат и сите заинтересирани гости и домаќини.