Грчкото Министерство за надворешни работи синоќа како „пример на непочитување и неразбирање на светот“ ја оцени изјавата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова која се закани со последици поради протерувањето руски дипломати од Грција. Русија вчера ја обвини Грција дека учествува во, „нечисти провокации“ во врска со очекуваното влегување на Македонија во НАТО, овозможено со договорот меѓу Скопје и Атина за решавање на спорот околу името на Македонија. Москва е против овој договор, а Грција во минатата недела реши да протера двајца руски дипломати и да им забрани влез во Грција на уште двајца дипломати бидејќи било утврдено дека организирале и финансирале грчки екстремно десничарски кругови и црквени претставници да протестираат против договорот со Македонија.