"Сметам дека сите политички сили треба да изнајдат енергија за да ги доближиме ставовите и да имаме успех во реализаиција на целите кои се јавно познати, а тоа е реализација на договорот со Грција за да го отвориме патот кон исполнување на стандардите и приемот на Македонија во НАТО, како и отпочнување на преговори за членство во ЕУ", изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети по прославата што ја организираше за добиената покана за членство во НАТО.
Ахмети ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање што очекува од вечерашната лидерска средба што ја закажа премиерот Зоран Заев по блокадата за изборот на состав на Државната изборна комисија која треба да го организира есенскиот референдум за прашањето за името.
Лидерот на ДУИ додаде дека Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО и почнувањето на преговорите со ЕУ и дека тоа ќе ни обезбеди мир, стабилност и економски развој и иднина. Ако некој има друга алтернатива, вели тој, нека ја претстави.
Ахмети не мисли дека предвремени парламентарни избори би било решение за излез од политичката состојба.