Едeн од центрите на одлучување за руските активности против Договорот на Грција и Македонија бил лоциран на Света Гора, каде што под изговор „аџилак“ се собирале познати грчки екстремни десничари, пратеници на „Златна зора“, моќни црковни фактори, бизнисмени и „многу Руси од сите области и специјалности“, објави грчкиот неделник „Athens voice“, кој анализира дека руските „тојански коњи“ за Договорот Скопје-Атина, се само врв на ледениот брег.
Како резултат на тоа, во северна Грција биле активирани бројни бизнисмени, епископи, панмакедонски организации и разни политички движења, по што започнале јунските митинзи против Договорот со Македонија, плаќани и изнајмувани автобуси, и регрутирани еминентни личности од сите области.
„Патриотскиот амбиент беше поставен. Парите во изобилство течеа на двете страни од границата, во име на „патриотизмот“, пишува „Athens voice“.
Со веста за протерување на руски дипломати, грчката влада само во едно соопштение, го „исцртала“ Иван Савидис како еден од двајцата бизнисмени кои работат на поткопување на грчката Влада и на дестабилизација на Грција.
Претходно Савидис, како што пишува „Athens voice“, одеднаш продал едно од своите претпријатија во Ростов, Русија, како и најголемата грчка задружна тутунска компанија „Секап“. Во Грција, му преостанале хотелот „Македонија“ во Солун, што бил изнајмен на одреден период, малото претпријатие за минерална вода и безалкохолни напитоци „Суроти“, весникот „Етнос“,што е во криза, скапиот ТВ-канал „Е“, солунскиот фудбалски клуб ПАОК, како и 15 отсто сопственост во пристаништето во Солун.
Бидејќи владата одлучила да ја „пресече работата“ - да протера двајца руски дипломати и да забрани влез во земјата на уште две лица, според „Athens voice“, се очекува следните чекори да бидат подискретни, но и поефикасни: ревизија на банкарски сметки, „чистење во Црквата“, измени на некои од последните одлуки за приватизација на државен имот, промени во медиумите...