Партиски препукувања околу прославата за поканата во НАТО

Прослава во Скопје организирана од Владата за поканата на Македонија во НАТО.

ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение наведува дека СДСМ и Зоран Заев со вчерашната прослава за поканата на Македонија во НАТО и датумот за преговорите со Европската унија, доживеале „уште еден пораз“ од народот кој се обединил против „калкулантскиот договор“.

„Договор со кој што Зоран Заев ги исполни грчките црвени линии и прифати да го избрише вековното име Република Македонија, идентитетот, нацијата, македонската историја, културата и традицијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ соопштуваат дека граѓаните се сплотиле околу националните интереси и го прославиле огромниот успех: „покана за влез во НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ“, а оти ВМРО-ДПМНЕ со денови воделе организирана хајка против националните и стратешки интереси на државата.

„Без разлика дали тоа му се допаѓа или не на ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните даваат силна поддршка за интеграциите на Македонија во НАТО и ЕУ“, велат од СДСМ.