Тевдовски: Висок раст на странски инвестиции по влезот во НАТО

Министерот за финансии Драган Тевдовски.

Висок раст на странските директни инвестиции покажуваат искуствата на другите земји по нивниот влез во НАТО, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски наведувајќи дека ако се земе просек од пет години пред и по пристапувањето на нашите соседи Бугарија и Албанија, се забележува неколкукратен раст на странските инвестиции, вели тој.

„Кај Бугарија странските директни инвестиции, анализирано пет години пред и по влезот во НАТО, се скоро три пати повисоки, односно од 7 проценти на 19,8 проценти од БДП. Кај Албанија тие се двојно поголеми, или од 5 проценти на 9 проценти од БДП и тоа во време на светската економска криза. Значи, ефектите можеле да бидат и поинтензивни“, вели Тевдовски.

Тој додава дека исто така кај Романија има висок раст од 2,8 проценти на 7,2 проценти по пристапувањето во НАТО, кај Чешка од 3,2 на 7,7 проценти, кај Естонија од 7,5 проценти на 13,5 проценти и дека стабилноста и меѓународниот статус кои ги носи членството во НАТО, влијаат на одлуките за инвестиции, како на домашните, така и на странските инвеститори.