Десет илјади граничари ќе ја чуваат ЕУ од мигранти

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

ЕУ ја зацврстува граничната контрола

Министрите за внатрешни работи на Европската унија се заложија за зајакнување на заштитата на надворешните граници на Унијата. Според нив, сигурноста на европските граѓани зависи токму од решавањето на прашањето со мигрантите.

На состонокот на министрите за внатрешни работи на Европската унија во австрискиот град Инсбурк уште еднаш е потврдена нивната заложба за поголема контрола на надворепните граници на Унијата.

Според австрискиот министер Херберт Кикл, постоел широк консезус меѓу членките за ставање поголем фокус врз ова прашање.

„Ако сакаме да ја спасиме Шенгенската зона - што е она што сите го сакаме, тогаш мораме да создадеме заштита за нашите надворешни граници и систем за азил“.

Австрија која е претседавач на Европската унија во минатата недела поднесе предлог барателите на азил во иднина да ги поднесуваат своите апликации надвор од ЕУ и само во исклучителни случаи да им биде дозволено да го сторат тоа во некоја земја-членка.

Германскиот министер за внатрешни работи, Хорст Зехофер, оценувајќи дека прашањето на миграцијата е клучно прашање за луѓето во Европската унија изјави дека се неопходни натамошни потези:

„Само решенија ќе го убедат нашиот народ и само решенија ќе создадат доверба кај нашиот народ, а тоа е најважното нешто во наредните месеци. Ние сме на раскрсница тука, дали ќе можеме повторно да стекнеме доверба за проектот што го бара Европа?“

Комесарот за миграција на ЕУ, Димитрис Аврамопулос објави формирање европска погранична полиција со постојан корпус.

„Во однос на нашите надворешни граници, наскоро ќе предложиме зајакнување на капацитетот и мандатот на европската гранична и крајбрежна стража за да ги заштитиме нашите надворешни граници. Ќе предложиме вистинска европска гранична полиција и ќе формираме постојан корпус од 10.000 европски граничари до 2020. Ова особено ќе и овозможи на агенцијата да ја засили својата поддршка за сите земји-членки во секое време“.

Аврамопулос оцени дека Европа веќе не се наоѓа сред голема миграциска криза како пред три години.

Според него, од скоро 2 милиона пристигнувања на мигранти во 2015 година таа бројка во минатата година изнесувала околу 200 илјади.

Годинава, како што рече, бројот на мигрантите и натаму опаѓа. Тоа, според него, било резултат на преземените мерки.

Но, како што додаде, тие мерки треба постојано да се надградуваат со цел да не се повтори мигрантската криза во Европа.