Грчкиот алтернативен министер за надворешни работи Јоргос Катругалос изјави дека неговата земја е посветена на добрите односи со Русија, но не може да толерира прекршување на меѓународното право.
„Русија ја сметаме за традиционално пријателска земја со која заемно сакаме односите да ги подобриме. Не можевме да не реагираме за нешто за кое сметаме дека е прекршување на правилата на меѓународното право во однос на границите на активност на дипломатските делегации. Се надеваме дека ова ќе биде еден изолиран инцидент во нашите многу добри односи“, истакна Катругалос на денешниот брифинг со новинарите.
И алтернативниот министер за одбрана на Грција, Фотис Кувелис во интервју за грчкото радио “247” изрази идентичен став за протерувањето на двајцата руски дипломати и забраната за влез во Грција за други двајца.
Според него, иако добрите односи на Грција со Русија се цврста одлука на грчката надворешна политика, сепак протерувањето и забраната за влез за руските дипломати било обврска на Атина.